КАМЧЕВ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР, КРИВИЧЕН ЈА ОДБИ ЖАЛБАТА
  Објавено на
share

 

КАМЧЕВ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР, КРИВИЧЕН ЈА ОДБИ ЖАЛБАТА

 

Орце Камчев останува во притвор. Кривичниот суд попладнево му ја одби жалбата. Но, и понатаму остануваат прашањата како се подготвувал да побегне, со кого се договарал, кој бил човекот од Бугарија со кого се сретнал пред апсењето?

Службената белешка која го однесе Камчев во притвор останува тајна, иако неофицијалните информации се дека се подготвувал да побегне во Бугарија со партнерка. Трети ден директорот на АНБ Виктор Димовски не одговара на прашањата, дали бизнисменот или неговото евентуално бегство претставувале безбедносна закана за Македонија и зошто Камчев е следен? Агенцијата за национална безбедност има таква законска можност вели Александар Стојановски, истражувач од ЕВРОТИНК.  

- Неблагодарно е ние да нагаѓаме во рамки на која од надлежностите тие го лоцирале правото да реагираат. Но, член 6 од истиот закон кажува дека доколку Агенцијата добие информација, сознание, дека се подготвува кривично дело, ја има обврската да го извести надлежното ЈО. Така што најдобро е АНБ да даде одговор. - вели Александар Стојановски.

Прашањето е дали АНБ ќе се повика на оперативните сознанија и деталите за планирано бегство ќе останат енигма засекогаш, бидејќи законот не ги обврзува да образложат.

- Во идеален систем би имало, но кај нас АНБ и нема таква законска обврска. Тука доаѓаме до моментот на надзор и веројатно на некое надзорно тело, кои би било добро да објаснат и да дадат информација за ова прашање. Затоа е важно надзорот да биде реален, моќен за да може вакви прашања да се адресираат во име на јавниот интерес, вели Стојановски. 

Камчев бил следен, а МВР и АНБ цело време ја воделе акцијата во координација со обвинителката Лиле Стефанова која била информирана за деталите. Стефанова ги води двете истраги, „Империја“ и „Плацеви на Водно“.

Камчев ја издржува притворската мерка во Шутка од неделата. Адвокатот Тони Менкиновски се жалеше на мерката и обвини дека се прави политичка хајка врз биснизменот кого го апсат, додека тој донира во пандемијата. Инаку биснизменот Камчев е уапсен поради истрагата „Плацови на Водно“, во која е осомничен за перење на пари заедно со неговата мајка, поранешните функционери Груевски и Мијалков. Учествувале во прикривањето на сопствеништвото на фирмите кои ги купиле атрактивните парцели на Водно, со 1милион и 300 илјади евра,. пари од партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ.

Еве ја интегрално изјавата на неговиот адвокат

Сметаме дека случајот со приведувањето на г-динот Камчев и одредувањето на мерка притвор, за чија издржаност и легитимност се заинтересираа голем број на правници и беше коментиран од голем број на експерти во земјата е и од општ интерес за јавноста. За таа цел базирано на цврсти докази и сознанија ја коментираме донесената одлука како и начинот и можната причина за нејзино донесување.

Правно неиздржани чекори, непочитување на основните закони во правото, кршење на одредбите во кривичната постапка од страната на највисоките надлежни институции како и прекршување на основните човекови права се дел од низата пропусти со кои беше проследен овој случај.

Пред се, овој случај го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а обвинител кој постапува по предметот е ЈО Лиле Стефанова која  не е дел од тоа Обвинителство, односно, по престанокот на нејзиниот мандат како обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжи со работа во Основното јавно обвинителство во Радовиш што уште на почеток укажува на тоа дека Лиле Стефанова како обвинител во ниту еден случај нема стварна ниту месна надлежност да постапува по предмети кои се во исклучива надлежност на Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно Законот за Јавно обвинителство. Директно се поставува прашањето на кој основ таа постапува по овој предмет и зошто истата, од почетокот, па се до овој момент се нема легитимирано пред судот и странките иако тоа беше директно побарано и од одбраната на г-динот Камчев?

Нејзиното постапување по овој случај директно го загрозува правниот поредок во земјата на груб и целосно тенденциозен начин имајќи го во предвид фактот дека  во случајот ,,Империја’’ Лиле Стефанова е директно компромитиран обвинител и г-динот Камчев веќе има поднесено кривична пријава до ОЈОГОКК за нејзино незаконско постапување во истиот предмет. Со оглед на тоа, Лиле Стефанова, во ситуација кога е и повеќе од нелегално и повеќе од очигледно дека постои конфликт на интереси врши свесно непочитување на основните начела на непристрасност и објективно водење на кривична постапка, а некој тоа директно го дозволува и одобрува.

,,Плацевите на Водно’’ како што и е познато и на јавноста е случај кој е отворен уште во месец октомври 2020 година, а е преземен како дел од случајот ,, Империја’’. Јордан Камчев како осомничен во тој случај, оттогаш постојано е достапен на органите на прогонот и во овој случај повеќепати е повикуван и секогаш уредно се јавувал пред ЈО на секоја покана. Доказ за неговата достапност и волјата да се вклучи и да ја помогне истрагата пред Jaвното обвинителство е што тој сам во неколку наврати има побарано од ,, надлежниот,, обвинител Лиле Стефанова да даде исказ и има побарано и инсистирано да добие термини за распит и сослушување.  Инволвираноста на осомничениот од отворањето на случајот, досега е константна и во насока на донесување правно издржана одлука и докажување на неговата невиност. Доказ за неговата соработка со Јавниот обвинител е фактот дека  Камчев по дадениот исказ на 4ти февруари предјавува докази во поткрепа на својата одбрана и истите со поднесок од 9ти март 2021 година преку Поломошник ги доставува до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Споменувајќи го фактот дека г-динот Камчев во случајот ,,Империја,, е веќе обезбеден со мерки за претпазливост, односно одземени му се двете патни исправи кои ги поседува и  гарантира со капитал само дополнително ја потврдува небулозата на донесената одлука за одредување мерка притвор базирана единствено на службена белешка добиена од АНБ.

Во однос на таа белешка не е единствена небулоза нејзиното постоење туку и фактот на кој начин истата е донесена и нејзината целосна веродостојаност. АНБ,  во овој случај постапува надвор од своите законски овластувања и надлежности предвидени во Законот за агенција за национална безбедност па оттука нејасно е како осомничениот ја загроува националната безбедност и преставува закана за националната безбедност на државата за да АНБ има  легитимно право да го следи и врз база на тоа следење да биде изготвена службена белешка со таква содржина.  

Практично, правото на слобода, како основно човеково право на г-динот Јордан Камчев му беше прекршено единствено врз база на таа белешка од АНБ во која се објаснува наводна намера за негово бегство. Најконтроверзен потег е што истата таа белешка , тој писмен документ покрај тоа што не беше доставен до одбраната за увид при распитот не беше обезбеден ниту еден  дополнителен докази со чие презентирање ќе се потврди она кое е запишано во белешката.  Не постои никаков доказ, ниту запис од информацијата наведена на белешката која беше само прочитана пред одбраната, а не беше дадено да се направи нејзин увид.

Доколку постоело дојава за наводно бегство на кое претстоеле средби, каде се доказите за тие средби? Со кого  и каде биле тие средби и дали постои барем еден материјален доказ кој може да ја потврди содржината на тие средби доколку се тврди дека се случиле?

Од кога Агенцијата за национална безбедност има право да собира информации за лица и дела кои се предмет на Основното јавно обвинителство и да се занимава со случаи на осомничени за криминал како и да постапува по истите? Преседан е АНБ да кажува кој ќе биде уапсен и како  е воопшто можно да се нареди приведување на г-динот Камчев со заобиколување на одлука од Јавното Обвинителство?

Доколку се навратиме на тврдењата од белешката за наводно бегство таа укажува на тоа дека АНБ во периодот од 12-14 февруари ги добила првите информации за можно бегство на г-динот Камчев. Контрадикторноста на сето ова е што истата таа агенција ја имала оваа сериозна информација пред еден месец, а го оставила господинот Камчев на слобода и реагира еден месец подоцна со организирање на негово приведување. Дали доколку вистински постојат сознанија за бегство било кој надлежен орган би реагирал во најбрз можен рок или би чекал да помине еден цел месец?

Дали тоа што во текот на тој еден месец г-динот Јордан Камчев воопшто не се ни обидел да избега не е доволен доказ дека тој воопшто немал ни намера да го стори тоа?

Покрај овој силен доказ, како дополнителни докази дека никогаш не постоела намера за бегство на Камчев се низата активности кои тој моментално ги спроведува, а само ден пред неговото приведување тој како дел од менаџмент тимот на КБ Аџибадем Систина донесе одлука и реализираше итно проширување на капацитетите за хоспитализација на ковид пациенти со што отвори нови 17 работни места за медицински персонал. Покрај тоа, тој раководи и со низа други активности во земјата во корист на јавното добро, а реализира и тековни инвестиции во Србија, Босна и Херцеговина и Косово, што само ги поткрепува веќедокажаните факти дека Јордан Камчев немал намера да ја напушти земјата. 

Во оваа целосна контроверзна конструкција се доаѓа до заклучок дека покрај тоа што е прекршена Конвенцијата за човекови прави , прескокнати се како обвинителите така и сите законски пропишани процедури.

Ова дава целосно за право ова сценарио покрај контроверзно да се дефинира и како чисто политичко со кое се врши директна тортура и лична освета кон г-динот Камчев.

Истовремено, дали ова преставува реализирање на заканата на г-динот Зоран Заев во еден од снимените разговори каде што премиерот експлицитно се заканува со зборовите: ,,Море мамето мамино ќе му е**м на Камчев’’ ?

Низата на пропусти, непочитувања, нелигитимности и прекршувања на закони и прописи во овој случај е огромна. Сето тоа остава простор за целосно оправдана и издржана жалба која одбраната на г-динот Камчев ќе ја достави до македонските судови, но и до Европскиот Комитет за превенција и нечовечко или понижувачко постапување или казнување во Стразбур каде што по итна и вонредна постапка  ќе биде  побарано да се изврши посета во земјата со цел утврдување на фактичката ситуација.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани