Километарски колони на Богородица- Евзони, Грција бара тест на секој професионален возач!
  Објавено на
share

 

Километарски колони на Богородица- Евзони, Грција бара тест на секој професионален возач!

 
 
 
 
 
 

Вистински хаос се случува во последниве две недели на граничниот премин Богородица- Евзони со соседна Грција. Транспортери со полни цистерни нафта и останата стока голем дел од денот се заглавени на граничниот премин. Тоа се должи на мерката која е на сила во Грција, и предвидува тестирање на секој професионален возач на влез во државата. Но дополнителен проблем предизвикува и скратеното работно време кое е од 06.00 до 18. 00 часот, и тоа на единствениот граничен премин со Грција. Според информациите до кои дојде Денар оваа мерка на сила ќе биде до 22 март.

Најголем проблем според информациите од терен се во среда и четврток бидејќи тие денови има наплив на возила, а особено транспортери со нафта, и тогаш се прават километарски колони на граничниот премин. Според информациите од Здружението на транспортери Макам-транс, превозниците на нафтени деривати имаат намален обрт на работа за 50 отсто, во однос на тоа дека претходно едно возило можело да оди до Солун да натовари, да се врати во Скопје да ја истовари стоката и повторно да се врати во грчикот град. Сега превозниците велат дека тоа не е можно. Дополнително напоменуваат транспортерите дека доколку не се стасаат во Солун до 11 часот да земат бројче за товарење на стока од рафинеријата, возилото останува заглавено и тоа може да се направи следниот ден. Доколку оваа мерка во Грција се пролонгира и не запре на 22ри овој месец какви што се информациите, во прашање може да биде доведена и залихата на нафта и нафтени деривати во Македонија. 

 

„Кај останатите стоки за широка потрошувачка е воочен намален обрт од 30-50%. Зголемени се трошоците за вршење на превоз на сите превозници, поради долго задржување на граничниот премин, меѓутоа и поради промена на рутата на возилата, при секоја можност превозниците возилата ги упатуваат кон Промахона (Бугарија-Грција) со цел избегнување на колоните на Евзони затоа што тој премин работи 24/7 и тестови се прават по случаен избор, а не на сите возачи кои го поминуваат. Дополнителен проблем е добивањето на QR код, кој е задолжителен за сите за влез во Грција, ако претходно превозниците од еден профил можеа да аплицираат за QR код за секое возило кое го поседуваат сега веќе мора да отвораат профили за секој возач за да може да го пријават, во спротивно нема да може да го добијат кодот, а како дополнителен проблем е и тоа што ако возилото има двојна посада може да се даде одобрение за еден, а не и за вториот возач. Ова дополнително ги оптеретува превозниците со поголем број на возила од административен аспект“, велат за Денар од Макам-транс.

Од Министерството за транспорт и врски се прогласија за ненадлежни во оваа проблематика и ни соопштија дека нивните ингеренции се само во делот на издавањето на лиценците потребни за работа на транспортерите.

Побаравме став и од Царинската управа на Македонија од каде ни соопштија дека тие веднаш по објавата на мерката за ограничен влез на возила на територијата на јужниот сосед реагирале и ја споделиле информацијата за отежнатиот премин на нашите возила. Министерствиото за надворешни работи исто така побара појаснување на состојбите, а проблемот бил ескалиран на ниво на ЦЕФТА земјите, за што и се одржал состанок со кој е известена и ЕК.

„Мерките за ограничен влез на лица е дел од мерките кои јужниот сосед ги превзеде за справување со пандемијата, што опфаќа и ограничено работно време на граничните премини само од 06-18 часот секој ден (07-19 по грчко време) сето објавено и публикувано во официјалните службени весници на земјата. Мерката е со важност до 23 март оваа година“, потврдуваат од Царина.

Од Министерството за надворешни работи за Денар велат дека Грција воведе квота за ограничување на преминот на границата со Македонија и дозволува само 60 камиони или возачи да поминат на ден, во рамките на граничниот премин Евзони. Тоа велат е одлика на Грција поради пакетот заострени мерки поради драстично влошената епидемиолошка состојба во земјата.

 

 

Министерството за надворешни работи реагираше веднаш, уште првиот ден, на сите нивоа: и во рамките на дневната комуникација на нашата амбасада во Атина, директно меѓу соодветните директорати при министерствата за надворешни работи, а и министерот Османи оствари директен контакт со министерот Дендијас на оваа тема. Како реакција на постојаните контакти, квотата на ограничување е зголемена неколкукратно на 400 лица, односно превозни средства, шлепери и цистерни, со што ситуацијата, иако сn4; уште со значителни предизвици, е значително подобрена. Во моментов, епидемиолошката состојба во Република Грција се усложнува, а заради што грчката Влада воведе и дополнителни рестрикции внатре во државата. Двете министерства одблизу ја следат состојбата и оформени се блиски канали на комуникација во која се разгледуваат можностите за уште позначајно зголемување на квотата, штом тоа го дозволат условите“, велат од македонското МНР.

Од Макам-транс велат дека најбрзо решение за нормализирање на состојбите на Евзони е граничниот премин да работи 24 часа седум дена во неделата. И тоа со поголем број на екипи кои ги тестираат возачите. Транспортерите велат дека од самиот почеток се во комуникација со сите надлежни органи во државата и додаваат дека испратиле реакции и до Министерството за надворешни работи, Царинската управа кои се во постојана координациоја со Секретаријатот на ЦЕФТА и Секретаријатот на транспортната заедница од каде велат дека се испратени и реакции до владата во Грција. Транспортерите од Македонија веќе остврариле и средба со претставници на амбасадата на Европската унија во Скопје и исходот од средбата бил дека ќе се залагаат за функционирање на таканаречените зелени ленти за побрз проток на граничните премини. Но сепак, крајната одлука ја имаат надлежните органи на Грција.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани