Ексклузивно интервју со Јанко Илковски: Мојата јавна исповест сите ја знаете, остана само да испуштам душа пред камери!
  Објавено на
share

 Ексклузивно интервју со Јанко Илковски: Мојата јавна исповест сите ја знаете, остана само да испуштам душа пред камери!

По повод дваесет години од почеток на кариера направивме ексклузивно интервју со новинарот Јанко Илковски. Најискреното, најопсежното и најинспиративното интервју на Јанко Илковски досега!
 
22/03/2021 
 
По повод 20 годишнината од новинарската кариера, Јанко Илковски во ексклузивно интервју за „Мој збор“ открива која е главната карактеристика на новинарите, што го навело да ја донесе одлуката да стане новинар, ни открива случки од неговата кариера кои го промениле и ќе ги памти целиот свој живот, по кои етички стандарди се води во својата работа, колку новинарската професија донела промени во неговиот живот и др.
 
Јанко Илковски е еден од најпознатите новинари во Македонија, особено се препознатливи неговите интервјуа со еден соговорник кои се опсежни, понекогаш лични, ексклузивни и информативни.
 
Тој е често застапено лице на малите екрани кај македонската публика, но покрај информативните содржини, Јанко во своите колумни често застапува и лични ставови, а пишува и авторски текстови, како што се критики на филмови и книги.
 
Тоа што денеска се точно 20 години од неговите почетоци во кариерата е доказ за успешноста да се одржи на новинарската сцена, која е инстант, доста флуидна и на која досега се сменија многу новинарски имиња, но само некои станаа забележани.
 
 
 
Која е главната карактеристика на еден новинар, дали љубопитноста и желбата за вистината и нејзиното пренесување е тоа што те наведе на одлуката да се занимаваш со оваа професија?
 
-Мислам дека клучна работа е да имаш најшироко можно општо образование, спектакуларно широко. Иако јасно ми е дека многу мои колеги за да станат врвни во својата област мораат да се специјализираат што ќе им овозможи продлабочено да ги следат збиднувањата, политика, здравство, криминал, воено новинарство, економија и просто самиот тајм менаџмент не ти дозволува да следиш бизарни работи ако си на сцена, медија и да утре се лизнеш на некоја тривијалност.
 
Одговорноста е преголема затоа што не можејќи да се соочат со креаторите на проблемите, јавноста се нафрла на гласниците и обелоденувачите. Многу малку новинари имаат храброст да се соочат со јавноста, вулгарна е и примитивна, но од друга страна преку такви може да се постигне голем ефект – да се слушне вистината.
 
Инаку немав одлука да влезам во новинарските води, инерцијата ме понесе. На некој начин јас цел живот се обидувам да влезам најдлабоко до срцето на светот – вистината, вака поетски и со доза на патетика кажано, но влегувањето во новинарски води беше игра на случај.
 
Во 2001 Трендо беше поканет да води емисија на А1 која ја одби, но од симпатии кон луѓето во продукцијата кои му пријдоа, ги упати кај мене со уверување дека јас сум за таму и тоа.
 
Секако, нит ми кажа нит ми укажа и еден ден, буквално на врата, не ни на телефон, туку на врата ми дојдоа и ми понудија да водам Ноќни Разговори петок навечер, од 21 до 23 часот на А1 ТВ.
 
Си реков зошто да не, но да ми дадат две недели оти бев среде правење мостови на вилицата. Не ми дозволија, ме засипуваа со пари, молби, преколнувања, беа просто очајни (најверојатно дека би им пропаднал терминот кои го имале на А1 ако не стартував утредента, петок 22 март) ја, будала, прифатив.
 
Мојата наивност секогаш ме преовладувала, мојата емоционална незрелост и тешкотијата да преговарам за себе во своја корист, здравје ме чинеше, нејсе…
 
Без заби со стисната вилица, во мрачно студио кое корнеше на свежо пржени смоки, со една камера и еден врел сноп рефлектор истерав.
 
Утредента завршив на клиника со изгореници на лицето затоа што снопот со кој ме осветлија бил ограничен само до 30 минути да блеска во лице, а јас бев изложен 2 часа.
 
Згора на се тогаш беше периодот на почеток на воениот конфликт во Македонија, така што многу не се обрнуваше внимание на мене, па дури и тоа што цедев низ заби, туку луѓето веќе беа во афектна состојба која одеше од хистерија преку омраза се до детерминирано елиминирање едни спрема други.
 
Тешка драма беше мојот почеток.
 
Новинарската професија е полна со предизвици, новинарите се нај сензитивни кога се во прашање општествените појави и промени, тие се првиот филтер преку кој поминува секоја промена. Новинарите се општествена група која ја рефлектира општествената реалност или учествува во нејзиното емитирање. Каков однос ти имаше кон новинарската професија и дали го менуваше и усовршуваше својот пристап?
 
-Школуваните најверојатно тоа го знаат уште кога излегуваат од клупите, делумно учипени, затруени со небулозната неодреденост, непристрасност како главен хелизим во процесот на ментално условување да бидат насочени уште и пред да се изградат како личности и да бидат аморфни кога е во прашање ставот.
 
Уживаат во својата квази-полу-анонимност која одвреме навреме отскокнува зависно од финансискиот, идеолошкиот грб или кариера-опортунистичкиот пристап.
 
Затоа имаме милијарда новинари кои никој не ги препознава и знае. Наместо да бидат епископи и визионери на новите трендови, време, насоки, кои би помогнале во ова шизофрено време на овој напатен народ не само кај нас, туку на планетава да го просветлат со правилен мајнд–сет, тие дополнително и пропорционално со својата мегало-манијачна суета се поставуваат небаре се над секој и над се.
 
Уметници, филозофи, сликари, музичари се припотресуваат над новинарот, а таа сорта на луѓе е ултра интелигентна, се однесуваат како да се над креативноста на самите гости, чинители или кој и да е во нивниот кафез.
 
Јас лично обратно, јас сум благодарен на моите гости, оние се креативците, они создале, моја чест е да разговарам со нив за нивната креација, па дури и ако се работи само за академско знаење.
 
Повеќето новинари сакааат да го извадат најлошото од гостите, јас обратно, сакам да го извадам најдоброто. Чемерот и злобата, малициозноста на гостинот ми е туѓа, има кој да се занимава со валканата долна облека извадена од далапите скриени длабоко во некоја потсвесна визба.
 
Јас сакам да извадам најдоброто што може, без да го наведувам или заведувам, но имам среќа што луѓето сами се разобличуваат, барем повеќето од нив. Секако, има лукавци чија малициозна концентрација не попушта ни за миг, но да препознаеш зло е и интимен но и општествен животен повик кој ги надминува рамките на новинарството.
 
Твојата завидна новинарска кариера која трае цели 20 години, те прави еден од најискусните новинари во Македонија. Верувам дека не постои човек кој не ги гледал твоите интервјуа во кои од твоите соговорници неретко извлекуваш ексклузива, темелно ги обработуваш нивните погледи, па дури и ги наведуваш да се преиспитуваат за своите ставови. Твоите разговори со соговорниците наликуваат на еден тип на исповед или психолошка сеанса. Дали можеш да кажеш некоја анегдота или случка од твојот професионален живот која ја обележала твојата кариера, ти донела суштинска промена и ќе ја памтиш до крајот на твојот живот?
 
-Можам цела книга од разни анегдоти, некои се и запишани навек и на јутјуб но има и оние зад сцена, како еден автор на книга „Од Свирипичино до Хонолулу”, да парафразирам, кој почна да ми меле за книгата податоци кои се однесуваа за професионалниот живот на татко ми, кога сред емисија му укажав продолжи да меле без абер да се прибере, арно ама беше толку сувопарен и празен да почнав да зевам…
 
Тој се шокираше и јас ја прекинав емисијата и тој остана така. 45 минути не можеше збор да ми каже за книгата и тогаш сфатив дека некој му ја напишал, а овој ваљда за ситен хонорар се претставува дека е автор…
 
Абе со денови ѕвонеа телефони и сеири беше пред 17-18 години, а од тоа време и со Бучковски кога беше премиер, ми беше гостин.
 
Пред да дојде Буч, дојде полиција, да провери студиото, а јас како сценографија имав токмак од некои 5-10 кила и полицијата повика засилување да се отстрани предметот опасен по живот од студио.
 
Џабе ги уверував дека со години тоа е сценографија, нејсе, џандари тоа е. Подоцна, среде интервјуто, Буч ломотеше толку празни фрази (и заслужено изгуби на изборите) да во еден миг извадив пиштол од под масата.
 
ШОК! Имено мојата стара маса имаше отвор-фиока под површината за оставање весници и работи и често таму чував тракатанци меѓу кои и пиштол-играчки, кои во тоа време немаа портокалово капаче на цевката туку беа копии на оригинали.
 
Извадив еден додека збореше Буч, а џандарите пребледеа, Буч не ни примети ама им го сварив гравот на цело обезбедување, како пејбек тајм и за токмакот и за тоа што не сакаа да излезат од студиото додека го интервјуирав што денес за никого не го дозволувам.
 
Никогаш потоа на ниедно обезбедување не се осмели ништо слично.
 
Но имаше и тажни драматични случки, како Љиља која беше гостин година дена по смртта на Тоше, мигот кога најавив дека ќе отворам телефони за прашања таа се струполи од страв, шок, неизвесност и не можеше да дише, интервениравме и ја прекинавме емисијата.
 
Најлошо ми беше еден гостин кој многу чудно говореше за време на интервјуто, некако се раскрши иако јавноста не примети но јас осетив дека нешто не е во ред, направив пауза.
 
Човекот стана со трчање излезе од студио… Столицата беше измокрена. Тажно.
 
Многу слики смешни, трагични, забавни, многу, премногу случки, во понеделник, 22 март, ќе се обидам да евоцирам што е можно повеќе, но ќе ми треба хаосот од сцени некој да ми помогне да го ре-фокусирам, затоа имам гостин, кој чудо, ме следи од канал 103, па се до денес, а има некоја чудна супер-моќ ми памти цели мои реплики.
 
Ќе биде интересно на се што ќе се сети… И не ја заборавај мачката. Ах таа мачка… За жал претходните газди беа примитивни технофоби, како и скоро сите, па не постојат записи од таа легенда…
 
Имено се јавува вознемирена жена која кажува дека имала некаков инцидент со велосипед на патека и во корпата возела мачка, паднале и мачката побегнала.
 
Пробав да ја смирам но таа само повторуваше: каде е мачката, каде е мачката, каде е мачката.
 
Со месеци и години потоа се јавуваа сеирџии и покрај темата прашуваа каде е мачката, што бидна со мачката, како е мачката, ја најдоа ли мачката… Стана синоним на емисијата.
 
Сега на пар години пак некој ќе му текне и настанува ерупција.
 
Просто сум запрепастен колку многу публика имам, туку кои ме следат со децении и паметат… Немам образложение, но знам дека е забавено.
 
Како јавна личност, носиш голема одговорност за она што ќе го кажеш, направиш, твоите судови и вреднувања повеќе се изложени на лупа отколку суд на човек кој не се занимава со јавна дејност. Кога ќе се вклучат камерите или кога имаш публика, колку смееш да си дозволиш да бидеш личност со приватни ставови, а колку внимаваш на тоа да го застапуваш јавниот интерес или општото добро. Дали приватното го пренесуваш во јавното и јавното во приватното и каде е таа граница каде што може да се постави меѓа помеѓу личното и професионалното?
 
–Најкратко – газам по јајца, иако не изгледа така, но фактот дека никој сериозно не можел институционално да процесира ништо против мене говори дека и тоа како добро сум ја терал работата.
 
Чуј, мојата форма е ужасна, конфликтна, на миг вулгарна и делува агресивно, но и тоа како не можам да дозволам да ми се протнат девијантни ставови и истите да се промовираат.
 
Ова важи најмногу за гледачите одошто за мене, кои сакаат анонимно кукавички затскриено. Ако и некој пробал да „продава” некаква перверзија, девијација , крајно анти-човечки тези – го канам во емисија, познат или анонимус, ги терам да си преземат одговорност за кажаното, со лик име и презиме, да застанат храбро зад тезите и ако сакаат да искажат став да понесат одговорност за кажаното.
 
Не може поинаку во животот, Џордан Питерсон постојано ја повторува таа теза во 12 правила на животот, една од последните врвни филозофско-научно-психолошки книги кои нn4; разобличуваат антрополошки како суштества и сум лично одушевен од неговите гледишта кои предизвикуваат бура од реакции во светот.
 
Моите ставови се обликувани преку мојата христијанска етика, преку моите омилени писатели, поети, режисери и филозофи, Хесе, Асимов, Ниче, Кјубрик, Тарковски, Шопенхауер, Емил Ажар, Дали, Стивен Хокинг, Елиот, Скот-Кард и особено Јунг.
 
Не дека можам свесно да ги користам но ми развија инстинкт да препознавам и моментално да реплицирам без размислување без проверка и подготовка бидејќи во живо и не можеш поинаку.
 
Најчесто поминувам ок, обично тоа е на едно пошироко одошто длабоко ниво иако зад тоа стои и тоа каков тренднинг, но џабе е се; ако не може да се артикулира брзо и разбирливо за секој.
 
Во мојата работа, тоа го нарекувам „лед диода”, со која препознавам уште при едно „ЗДРАВО ЈАНКО“ да знам каде ќе води разговорот, до толку ми е чувствително калибриран сензорот.
 
Го нарекувам моја супер-моќ но повеќе е како инстинкт, не можам да си препишам заслуга затоа што реактивниот чин не може да биде инстинкт, кога има сложени реченици, со длабок став токму фокусиран на спротивставеноста од опонентот, ова претежно важи за гледачите кои се јавуваат затоа што во тоа неколкуминутно хаику треба да има некаков заклучок.
 
Немам избор и кога ќе го препознаам дека е со малициозна тенденција и ќе си одглумам шок, разочараност кога ќе ме насипе со вулгарни навреди. Знаеш добро е да те видат дека си како нив, дека си нивно ниво, затоа што кога ќе дојде мигот да отскокнам со некаква мудар заклучок, фасцинацијата е уште поголема.
 
Згора, непредвидливоста е апсолут за да се задржи вниманието на јавноста олку долго време. Затоа најчесто и сам немам ама поим за што ќе говорам или за што ќе биде емисијата ако немам гостин.
 
Тоа ми ја разубавува мојата посветеност да не навлезе во тривијалност и лента со едни те исти приказни. Гледаш, ретко која емисија, освен вестите, останале во ист формат.
 
Секоја година скоро поголемиот дел, ги менуваат имињата на емисиите, насловите, тематиката, демек кој знае што ново ем оригинално сега ќе наметнат и тоа не издржува ни две сезони, едвај.
 
Сепак најчесто е егото на новинарот-водител, ароганцијата да биде над нивото на јавноста, гостите, повеќе да внимава на изглед одошто на функционалноста на фронталниот кортекс. Сосема на крај, луѓе ќе те сакааат заради шармот, стилот, а не заради позата.
 
Дејвид Линч ме научи тоа, ниедна епизода да не трае исто, да си играш со асоцијации и иако една општа која нагласува драма, да ја искористиш за хумор. Телевизијата одамна е демистифицирана, сите знаат, но претенциозноста е смрт за тебе лично.
 
Се научи јавноста да препознава фол, но и гостите се се; подобри во глумата. Мене ми е уште поголем предизвик да видам до колку радикално може да се оди. Кај гостите, ги оставам сами да си тераат каде сакаат и колку сакаат, ако осетам дека се отвора, го оставам сам да го „лупи кромидот”, тоа внесува емоции, а тие се бесценети кога се искрени и јавни.
 
Јас не трагам по вистината на деталност на неговата политика или уметничка теза, туку зошто тој стои зад тоа, што е неговата заднина, мотив, тоа пак прави интервјуто да биде над дневно политички емисии, иако за жал потребни се и такви но и тие се обидувам повеќе како психо-аналитичар да се однесувам, а тоа значи не да му нафрлаш твои тези и мислење, туку само да го прашуваш зошто – иако го знаеш одговорот – но ќе се изненадиш до какви одговори и зошто доаѓа до такви одговори. Некаков миш-маш на Офра, Кросток, и емоционално созерцување.
 
Тогаш мислам дека сум направил добро интервју.
 
Како некој што учествува во обликување на јавното мнение, дали сметаш дека онаа што треба да се пушти во етер треба да биде подложено на некои критериуми и да се градира по релевантност, или го имаш тој демократски пристап и сметаш дека секој што сака да го искористи правото на говор треба да има отворен пристап до средствата за јавно информирање?
 
-Јас не сакам да наметнувам мислење и креирам, но тоа доаѓа со популарноста и е многу, премногу опасно, затоа што удира по его.
 
Колеги паѓаат во даден миг мислејќи дека нивната популарниот е исто што и политичка моќ. Се умислуваат дека се гуру, дека неговата публика се следбеници и почнуваат да се однесуваат како лидери на секта. Тогаш паѓаат и времето ги гази, ништожност.
 
Опасно е тоа искушение меѓу креирањето што било и она што е навистина добро. Мора да се има доволно простор за скоро се;. Луѓе не можат да разберат, ајде кога е во прашање политиката, дека мора да прифатат постоење на луѓе кои не ја сакаат државата, културата, се против меинстримот, имал лоши светогледи и се;, демократијата не само што го дозволува радикално спротивниот став од меинстримот туку и инсистира оти преку исклучителноста се докажува способноста на едно општество да надмине и еволуира.
 
Затоа тоталитаризмите паѓаат, затоа едноумието е неодржливо, заради крутоста.
 
Чуј, демократија е далеку од тоа да е најдоброто општествено уредување, секако дека е злоупотребено и манипулирано, но друго подобро нема и не постои.
 
Но за разлика од моите колеги, кои се вообичаено аморфни андрогени, јас имам свој став и мислење и сакам да го споделам, е тука е проблемот на многумина со мене, мислат дека ако јас искажам став креирам мислење.
 
Луѓето се ужасно бандо-глави и можеш да ги лажеш некое време, но за да смени став многу тешко, можеби за кратко, но на крај секој се враќа на своето, а кога ќе се врати, свесен дека си го манипулирал – си набеал, како што ти е многу добро познато со огромната новинарска фела кај нас која исчезна од очите на јавноста во сивило.
 
 
Во твоите интервјуа користиш методи со кои ја проверуваш тезата на соговорникот, поставуваш сугестивни прашања преку кои соговорникот сам ја става на сопствено испитување тезата и го управуваш или наведуваш разговорот, треба да се вметнат познавања од психологија, андергогија, методологија, секако и сопствен талент и искуството играат голема улога за успешноста во изведување на едно интервју од тој тип. Колкава е улогата на водителот во резултатот на интервјуто, а колкав е процентот на креативноста на соговорникот?
 
– Не секогаш е можно да се воспостави некаква трансцендентална синергија па да се иде флуидно, а соговорникот во тој миг да биде исклучително креативен или отворено емотивен.
 
Мојата премиса е да се чувствува комотно, како на сеанса, да осети дека немам агенди, дека нема да биде исмеван, дека немам намера да го прикажам во некакво светло и кога ќе почувствува дека е ослободен, безбеден ги отвора своите најкреативни сфери и склопот на реченици, тези е можеби најдоброто од него што ќе го видите во целата му кариера.
 
Затоа не сакам дуели, сакам тет-а-тет долги интервјуа за да ги слушнам образложенијата и покрај ставовите кои можеби и не се негови туку агенда со која е дојден, да прочепкам зошто е он таков каков што е.
 
Клучна работа е да немам средба со соговорникот пред емисија, без оглед дали е прв или 10 пат гостин во емисија.
 
Праќам покана, начелно договараме тема, а колку каде тоа зависи од самиот гостин. Не е тајна дека понекогаш за некои теми за кои и не сум најподготвен барам или да ми се прати некаков список-синопсис кој на крај е повеќе објект за сигурност кај гостинот одошто реална потреба за мене и воопшто за интервјуто, најчесто се некакви општи насоки, но ова е сосема ретко.
 
Ако е спремен, јас можам и да заспијам додека говори, тој се обраќа на јавноста, јас само давам простор, јас сум небитен.
 
Но гостите најчесто лутаат, се забораваат, стануваат конфузни или не се доискажуваат, тогаш оди она моето инфамозно убацување со потпрашања, го сецкам, но исклучиво како разјаснување за широката јавност. Можеби на стручната јавност и ќе и биде јасно и се нервираат од мојата логореа, но во 120 минути и тоа како мислам дека не треба да го оставам соговорникот да одржува монодрама ако ги комплицира исказите или не се доискажува.
 
Тоа е потполно непрофесионално од моја страна и никој не го прави, но тоа е мојот стил, не викам дека е добар и дека така треба, но ми е стил.
 
Што ќе ги советуваш младите дали треба да се занимаваат со новинарство во Македонија и доколку се занимаваат кои правила треба да ги применат за да изградат успешна приказна?
-А на младите, па не знам што би им кажал, пробај, види, дур си млад, ако ти оди ок, ако не откажи се.
 
Најлоша теза е она биди упорен успехот е неминовен дрн дрн, ама тоа се флоскули за левел маркетинг, а животот модерен ни е опишан во делата Џек Лондон, на мигови ќе се бориш и работиш било што за да преживееш, а ако се најде прилика уживај во благосостојбата на она што го сакаш да го работиш и не се оптеретувајте тврдоглаво, бидете доволно адаптибилни, способни за промени, учете, но не изоставувајте ги инстинктите, едно без друго неминовно води во егзистенцијален депресивен и безобличен правец во кој порано или подоцна заглавувате – апореа.
 
Од таму излезот е само во креативноста и способноста да се адаптираш особено економски. Ние не сме способни да смениме населба, а камо ли град за да си подобриме квалитетот на животот, што е па клуч на сите подобри општества во светот.
 
За тоа школо нема, општата култура е најдобра наобразба која мора да трае цел живот. Книги, филмови, уметност те менуваат и еволуираат.
 
Дали професијата го обликува животот на поединецот. Како тоа што си новинар те сменило? Дали имаш поголема грижа, те интересираат теми кои другите луѓе не би ги интересирале, имаш стрес, здравствена последица од професијата?
-Погоре ме праша не одговорив, сакав на крај. Јас секако дека не сум истиот и благодарен сум поради тоа. Се менувам во секоја сфера, ментално и духовно, цената се плаќа на многу аспекти, во успех, егзистенција, солиден живот, но страда и здравјето на повеќе полиња.
 
Најлесно се надминува и најтешката состојба со барање прво и основно вина во себе, од таму почнува процесот на само-излекување, прилагодување и конечно надминување од состојбата до нов квалитет. Мачно за оној кој нема финансиска и политичка сила зад него како протекционизам, но така ја имаш слободата.
 
Еднаш се бев продал на еден (економски спонзор) кој енормно добро ме плаќаше за негова агенда, економска, не политичка …
 
Искрено ќе ви кажам, кратко ќе се радувате на благосостојбата, ако сте храбри, ако сте интелигентни, ако сте доблесни, лошите дилови, кои секако ќе ги имате, ќе ги надминете затоа што ќе се почувствувате загрозени и покрај сета материјална компензација.
 
Ако имате дух и човечност во себе, не можете и не смеете да бидете роб – тоа ќе ве уништи …
 
Не дека ќе бидете во право, но најважно е како вие ќе се чувствувате, небитно е каков е вашиот став исправен или не.
 
За жал, не трагајте по слободата како апсолут, таа е исклучиво и само внатрешен процес, кој не можете да го пренесете.
 
Животот е страдање, мака, било и ќе биде, само вашата способност го прави храм рекдшн да поминете со што помалку последици.
 
20 години кариера се долг временски период и може да се смета како пресек во професионалниот континуитет. Што по 20 години кариера? Имаш ли идеја како ќе ти изгледа професионалниот живот во блиска и далечна иднина?
-Вака кога ќе размислам 20 години, мислам дека сум одел во времето на диносаурусите, најверојатно сум бил некаков бронтосаурус кој постојано мелел зелени листови и оставал огромни брабушки наоколу.
 
20 години е цифра и како што вели Џек во филмот Кинеска Четврт – Грдите згради, политичарите и курвите сите тие се стекнуваат со почит кога ќе остарат.
 
Јас се убедувам дека сум стара зграда, ахахаха. Поминав многу, успони и падови и кога требаше и кога не.
 
Бев злоупотребуван од колеги, но не се жалам, мојата наивност ја платив повеќе како кршење на моето его што на крај резултира со наоѓање сатисфакција и мир, спокој, комоција во работата.
 
Еве, денес сум на ТВ која е далеку помала од сите на кои сум бил, а сепак и покај сите опструкции и натаму емисијата е гледана, за случките во неа се говори, но најблагодарен сум за едно, што тука, сега на ТВ Сонце ми дадоа слобода каква не сум имал на ниедна друга тв.
 
Сум носел на некои други ТВ и по стотици илјади евра чиста заработка годишно па и тогаш се однесувале крајно ниско со мене, што резултирало со прекин на соработка.
 
Нејсе, животот ми е преполн со менување работи и професии кои некои најчесто ги правам паралелено. Од диск џокеј, преку радио водител, спортски коментатор, до емисја која стана бренд, препознатлив секаде и секому, не можам да се пожалам освен што никогаш не научив да го материјализирам, но кога ќе видам дека моите колеги тоа го прават со рекет, давање политички услуги за агенди, благодарен сум што одамна кренеле раце од мене, оти сум непредвидлив и бунтовник.
 
Сум ликсур за материјалното заради егзистенцијални потреби пред се да исшколувам деца, но не по секоја цена. Морам да им дадам услови да се развијат како слободни личности, потоа нека прават што сакаат.
 
Тоа е мојата конечна заложба во оваа работа.
 
Не планирам и не сакам да се пензионирам, ако ја завршам кариерата сакам да биде тоа врзано со мојот живот.
 
Мојата јавна исповест сите ја знаете, остана само да испуштам душа пред камери, тоа ми е желбата, но сепак не одлучувам, само ја кажувам мојата интенција.
 
Јас сум зависен од Јади Бурек но би бил среќен ако најдам наследник, некој да ја продолжи, да не заврши со мене, да го искористи замецот кој самото име ќе го има со години и години натаму.
 
Идеално би било некое од моите деца, но сеедно, навистина би сакал еден ден да стане бренд независно од мене, да има 5 водители кои ќе се менуваат секој ден, но во време кога телевизијата умира, се плашам дека не можам точно да го предвидам новото време кон што ќе води и како да се прилагодам на овие токови, јутјуб и како да се живее од тоа, е прилично сложена материја иако помладите ми се смеат, но не е така, новинарството е заебано и подобро е да најдете нешто ново да се занимавате, јас заглавив тука и нема бегање за мене, предоцна е да учам нови трикови, сепак сум стара џукела, но можеби ќе фркне некој скриен талент за поезија, пишување, сликарство или актерски отскок на стари години …ахахаха.
 
Сакам пак да ти дадам интервју за 30 годишнината, баш ме интересира дали и ти ќе опстанеш во ова и како јас ќе ја преживеам следната декада.
 
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ за Мој Збор
 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани