Болести кои се пренесуваат преку комарци
  Објавено на
share

 

Болести кои се пренесуваат преку комарци

Болестите кои ги пренесуваат комарците се особено загрижувачки бидејќи заканата за убод од комарец е константна помеѓу луѓето, особено оние кои живеат во одредени климатски улови. Покрај тоа, повеќето вакви болести не можат да се третираат и излечат. Издвојуваме 9 болести, покрај вирусот Зика, кои се пренесуваат преку комарците и може да имаат прилично тешки последици.

1. Маларија

Маларијата е потенцијално фатална болест предизвикана од паразит кој најчесто се пренесува преку убод од комарец. Симптомите вклучуваат треска, треперење, како и останати симптоми слични на грип. Како жаришта за оваа болест се сметаат суб-сахарска Африка и јужна Азија, па така најголемиот број на заразени се обично патници или имигранти од овие области.

2. Жолта треска

Уште една болест која се пренесува преку убод од комарец е жолтата треска која е застапена во тропските и субтропските области, како Јужна Америка и Африка. За разлика од повеќето заразни болести, оваа болест може и да нема никакви забележливи симптоми. Покрај тоа, нејзината сериозност може да варира од блага температура до фатална хеморагична треска.

3. Денга

Денгата е особено загрижувачка болест, бидејќи околу една третина од светската популација живее во области каде што постои ризик за инфекција. Всушност, околу 400 милиони луѓе се инфицираат со денга секоја година, со што оваа болест претставува водечка причина за заболување и смрт во тропските и субтропските клими. Исто како и жолтата треска, и денгата варира во однос на сериозноста, и оние кои веднаш ќе побараат медицинска помош имаат помал ризик за продолжување на болеста и смрт.

4. Чикунганја

Чикунганја е болест која се карактеризира со болни симптоми, кои вклучуваат треска, болка во зглобовите и мускулите, отекување на зглобовите, осип и главоболка. За прв пат е откриена во 2013 година во Америка, но епидемиите почесто се јавуваат во Африка, Азија, Европа и Индискиот и Тихиот Океан.

5. Западно- нилска треска

Иако ова е најчестата болест која ја пренесуваат комарците, не е особено опасна. Помалку од еден процент од инфицираните пациенти страдаат од фатални или тешки невролошки оштетувања, а околу еден на секои пет пациенти развиваат нормални симптоми проследени со треска.

6. Источен коњски енцефалитис

Овој вирус е специфичен за државите покрај атланскиот и мексиканскиот залив, и се смета за најтешката болест која ја пренесуваат комарци бидејќи 33% од пациентите страдаат од значително штетување на мозокот, па дури и смрт. Симптомите вклучуваат главоболка, висока температура, треска и повраќање. Прогресијата на болеста често се манифестира со дезиорентација, мозочен удар и кома.

7. Западен коњски енцефалитис

Како што и самото име укажува, овој вирус пред се’ е застапен во западните делови на САД. Може да се инфицираат и луѓето и коњите, но не е толку смртоносен во споредба со источниот. Поголемиот дел од оние кои ќе се инфицираат може да имаат само благи симптоми.

8. „LaCrosse“ енцефалитис

Овој вирус има тенденција да се појавува во Средниот Запад и југоисточните области на САД. Додека повеќето пациенти не покажуваат никакви симптоми, оние кои покажуваат искусуваат треска, главоболка, гадење и повраќање. Прогресијата на болеста влијае на нервниот систем и може да доведе до мозочен удар, кома или парализа.

9. Јапонски енцефалитис

Карактеристичен за Азија и западниот Пацифик, овој вирус го достигнува својот врв за време на летните и есенските месеци. Повеќето од инфицираните не покажуваат никакви симптоми, но кај оние каде што ќе напредува се забележува треска, главоболка, замор, гадење и повраќање. Јапонскиот енцефалитис може да резултира со тешко воспаление на мозокот, проследено со мозочни удари.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани