СЛУЧАЈОТ „КАМЧЕВ“ ЗРЕЛ ЗА ПОСЕБЕН МОНИТОРИНГ ОД ЕУ
  Објавено на
share

 

СЛУЧАЈОТ „КАМЧЕВ“ ЗРЕЛ ЗА ПОСЕБЕН МОНИТОРИНГ ОД ЕУ Ќе има ли работа за Комесарот за човекови права Дуња Мијатовиќ?

Поранешниот еврокомесар Јан Фигел смета дека за случајот со Јордан Камчев е потребен мониторинг од страна на Делегацијата на Европската унија во Скопје и следење од страна на Комесарот за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ.

 
 

Доказите од Северна Македонија за нехумани затворски услови и полициска бруталност треба да отворат прашања за соодветноста на земјата за пристапување во Европската унија и да се постават фокусирани услови за финансиската поддршка од страна на ЕУ, вели за Плусинфо Јан Фигел, поранешниот еврокомесар за проширување, кој во два наврата беше во Скопје на разговори за случајот на притвореникот Јордан Камчев.

– Комисијата за спречување на тортура при Советот на Европа во мај соопшти дека во најголемиот затвор во Северна Македонија има нехумани и понижувачки услови и дека полициската бруталност е постојан проблем во земјата. Во јуни, Европскиот суд за човекови права пресуди против Северна Македонија во случај кога граѓанинот од ромска етничка припадност, Фатмир Мемедов, беше предмет на расистички мотивирана полициска бруталност. Судот сега ги покрена и прашањата за притворот на Јордан Камчев, бизнисмен кој боледува од вродена срцева болест и е обвинет за финансиски мотивирани, ненасилни злосторства, извршени од поединци, бизниси или владини професионалци, но е притворен под услови опасни по живот – вели Фигел за Плусинфо.

Станува ли случајот „Камчев“ своевиден бенчмарк на патот на нашата земја кон ЕУ?

– За доброто на правдата за сите и за напредокот на Северна Македонија во насока на почитување на состојбата со човековите права, за случајот со Јордан Камчев е потребен мониторинг од страна на Делегацијата на Европската унија во Скопје и следење од страна на Комесарот за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ – категоричен е Јан Фигел.

Се чини дека за проблемите што ги предизвикува овој случај е свесен ни претседателот Стево Пендаровски. Во гостување во Дневникот на ТВ Сител, зборувајќи за случајот со Камчев, кој стигна и до Европскиот суд за човекови права, откако не му беше дозволена посета од лекар, Пендаровски истакна дека Македонија не може да си дозволи такви грешки уште невлезена во ЕУ.

– Јас очекувам нашите органи, Министерството за правда, тоа да го испитаат до крај. Ако е тоа така, тоа зборува многу лошо за државата во целина. Ние, освен по бугарскиот спор, по кој станавме за жал познати во цела Европа и во светот, не би смееле да си дозволиме во нашето портфолио, уште пред да почнеме да преговараме, такви, ако се воопшто направени, aматерски грешки – истакна тој.

Претседателот сепак објасни дека Европскиот суд на човекови има надлежност да бара забрзување или забавување на постапката, во зависност од нејзините околности, но нема право да бара промена на мерката притвор во куќен притвор.

Но, одбрана на Камчев тврди дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур е во постапка за изрекување времена мерка со која на македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради влошената здравствена состојба на Камчев. Најдоцна до 24 ноември годинава, Владата треба да даде информација на Судот во Стразбур за барањето на жалителот од 29 октомври за издавање дозвола за влез на доктор интернист кардиолог во КПУ Затвор Скопје, кој требало да го прегледа Камчев. Барањето било испратено до Основниот суд, па Судот во Стразбур сега ја бара на увид одлуката во која се наведени причините зошто не била дозволена лекарска интервенција.

Како што е познато, во јули, извештајот на Советот на Европа го критикуваше третманот и условите за притвор во два затвора во Македонија, како и на лицата задржани од полицијата во Скопје. Во извештајот беа истакнати лошите, нехигиенски и ограничени услови.  Еден од најпознатите притвореници во затворот во Шутка е бизнисменот Јордан Камчев, кој е во притвор без судење од 14 март.

„Неговиот случај ги истакнува дополнителните неуспеси на северномакедонските власти да се придржуваат кон важните одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Во третманот на Камчев, Северна Македонија се откажува од ветувањето дека ќе ги следи условите на пресудата на ЕСЧП во случајот Василкоски од 2010 година, кој всушност е случај на незаконски и неоправдан притвор. Како резултат на тоа, јавните обвинители не успеаја да дадат конкретни причини за постојано повторување на притворот на Камчев. Тие, исто така, не ги разгледаа алтернативите за долгорочен притвор, како што се кауција или домашен притвор, што е во директна спротивност со пресудата за Василкоски“, напиша Јан Фигел во октомври.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани