Ликот на Скопје пред и по земјотресот – секогаш временската идентификација на градот се сведува на кобната катастрофа која не само во физичка, туку и во социолошка и културолошка смисла го смени неговиот идентитет.
Оној лик пред – ја буди носталгијата кај генерациите кои сведочеле за неговиот градски дух, фраерлукот на мангупите, шармот на корзото, грандиозноста на театарот, манирите на неговите граѓани, а оној лик после – нè задолжува нас, неговите нови деца, потсетувајќи нè дека ова е град изграден од солидарност, од својата пепел и прав, од хуманост и човечност...
Најмалку што заслужува Скопје е кон него да се однесуваме како кон некој кој безусловно го љубиме, за да остане сјајот во неговите очи, широкоградоста на неговиот дух и топлината на неговата прегратка – и во иднина.
Приказните и фотографиите, ќе останат сведоци на едно Скопје кое нема да се повтори.
Во сеќавање на 26.07.1963.