Град – луѓе и кучиња
Автор: Јанко Илковски   Објавено на
share

 

Град – луѓе и кучиња

 

Стравот на општеството беше дека дрогата, фашистите, перверзијата ќе биде најголема закана за човештвото. Стравот еволуираше во се’ поизразени апокалиптични форми, глобално затоплување, заладување, Нибуру, рамна земја, елиени, демонологија колку сакаш. Најмногу ова се созадава поради стравот од непознатото и секогаш има отпор, а со отпор, тешко оној кој замислил да го исполни апокалипсисот предвиден уште пред 6.000 години дека ќе му успее насила, не, тоа ќе се случи доброволно, со наша искрено одобрување да се откажеме од себе и сопствената природа.

Книгата

Клифорд Симак ме вџаши како дете откако ја прочитав неговата книга Град. Изданијата на Зоран Живковиќ за едициите Поларис и Кентаур ги читав без критериум, едноставно – прочитав се’ и никогаш не зажалив.

Град е книга која меѓу останатото говори и за еден познат научник кој ја открива најголемата тајна и заговор во историјата на човештвото дека кучињата не само што имаат интелект, туку говорат и комуницираат телепатски без проблем, па дури и на човечки јазик. Кога научникот успева да ја открие тајната. Пронаоѓачот измислува апарат за мерење интелигенција. Во друштво се забавува на тој начин што апаратот им го става на глава на своите пријатели и точно очитува кој колку има интелект. Во забавата го прават и на растенија и во даден миг се одлучува тоа да го направи со своето куче. Кучето како да разбира премногу се вознемирува, но сепак успева да му измери и добива неверојатен резултат – дека кучето негово е многукратно поинтелигентно од него. Застанува и во добро пишана сцена се соочува со него и му вика ЗБОРУВАЈ , ЗНАМ ДЕКА МЕ РАЗБИРАШ! Кучето му проговара…

Да скратиме, вратата ја пробиваат глутница кучиња и го растергнуваат кучето, а потоа го обиколуваат научникот. Алфата му проговара … Ах, Симак е прекрасен писател, се голта се’ од него. Нејсе, како ова да се направи паралела? Оваа новела е составена од осум различни приказни во една целина … чисто инфо , да не се збуни некој утре ако, види чудо, ја прочита.

Паралела

Трагедија за едни реално отворање на очи за други, организациите за заштита на кучињата, спонтано и со штур повик, без скапи кампањи успеаја да соберат на улица повеќе луѓе одошто сите партии заедно, кои мачно се обидуваа да протестираат за име, референдум, двојазичност, уставни измени, за референдум, бојкотирам, прослави за влез во НАТО итн итн … Народот им одржа лекција и тоа могу болна на политичарите. Дека се некадарни и не им веруваат, дека се дронови, дека заборавија за интимниот живот на човекот, неговите желби и стремежи. 

Што е пораката според мене ова со кучињата? Настрана емпатија и љубов кон живoтните, тоа покажува дека луѓето се отуѓени, дека им треба неусловенa љубов од некој кој нема да ги суди, ќе им биде безрезервно верен, кој ќе може да покажува афекција. Во одсуство на духовен живот, луѓето бараат поткрепа во емотивниот , а кучето тоа им го дава. Политичари и партии, ова е реалност на општеството, но заклучоци немате, а ни капацитет да извлечете. Добро, дури и да имате, не знаете како да постапувате. Им зборите за идентитет, преамбули, а овие ви викаат – „џабе лаете, вашето лаење не не’ тангира, од кучињата да! Затоа сме со нив, не со вас“.

Дали ова е добро или не, секој ќе си има став, не ви требам јас, срамо е да чекате од мене став за да имате свој, но повеќе ви треба заради хејтање кон мене како себеоправдување. Сеедно, политичарите се нашето онтолошко промашување, луѓето не само што им свртеа грб, туку им р’кнаа у фаца. Сега дури и Лас Вегас да изградите за кучиња, а не се сомневам дека во вашата сервилност во борба за опстанок и тоа наскоро ќе го правите, најдобар начин да ја придобиете јавноста е да станете кучиња, не бидете џукели.

Како кучиња ќе му се умилкувате на народот, ќе му носите папучи и весници, ќе мафтате со опaшката кога и да го видите оти само така ќе опстанете, затоа што многу бргу Идризово може да стане хотел за кучиња, а Вардариште затвор за луѓе. Мислете му ја, кучињата се најмлаку битни тука, туку вашиот однос.

Паролите со кои секојдневно мафате – не ја даваме, цела да е, ЕУ, За, НЕТО, Америка, Енглеска, Русија, Кина, некако, како да зарибуваат…

Допрва ќе коленичите и ќе цвилите, па може ќе се смилаат да ви дадет „treat“. Ata boy, good boy!




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани