Техно-феудалниот метод на лудилото на Маск
  Објавено на
share

 

Техно-феудалниот метод на лудилото на Маск


 
Техно-феудалниот метод на лудилото на Маск

Изгледа дека Илон Маск во еден момент почувствувал празнина - доволно голема за да плати цели 44 милијарди долари за Твитер. Тој е еден од пионерите на онлајн плаќањето, човек кој ја промени автомобилската индустрија, го револуционализираше патувањето во вселената и експериментираше со директен интерфејс помеѓу мозок и компјутер. Револуционерните технологии го направија најбогат претприемач во светот. Но бројните достигнувања и богатството не му обезбедија влез во новата владејачка класа сопственици на дигитален капитал кој живее во облак. Твитер беше добра можност за да го исправи тоа.

Од самите почетоци на капитализмот моќта произлегувала од поседувањето капитални добра, парни машини, Бесемер печки, индустриски роботи итн. Денес дигиталниот капитал им дава незамислива моќ на своите сопственици.

Да го погледнеме Амазон, таа непрегледна мрежа на софтвер, хардвер и складишта, и амазоновата Алекса, направа која стои на работна површина во кујна и директно комуницира со домашните. Тој систем изграден во дигитален облак има подобри увиди во нашите емоции од кој било огласувач од минатото. Така стекнатите знаења се користат за произведување искуства кроени по мерка која ќе предизвика наша реакција. Потоа системот генерира сопствени реакции на кои ние повторно одговараме, сето тоа во склад со алгоритамот кој постојано произведува нови бранови реакции.

За разлика од некогашниот земјен или аналоген капитал кои главно ги сочинувале средствата за производство на предмети кои ги сакаат потрошувачите, дигиталниот капитал го модификува човечкото однесување во склад со интересите на сопствениците на капиталот. Единствениот алгоритам кој се извршува во лавиринт од фарми со сервери, оптички кабли и антени на мобилната телефонија, симултано произведува повеќекратни чуда.

Првото чудо на дигиталниот капитал беше придобивање на луѓето со цел да го размножуваат и да му ги зголемуваат вредноста и продуктивноста со сопствениот бесплатен труд, со секој текст, оценка, фотографија или видео снимка кои се креираат и објавуваат користејќи ги неговите интерфејси. Стотици милиони луѓе успешно се претворени во дигитални кметови - бесплатна работна сила која аргатува на дигиталните поседи на господарите и верува, како што верувале селаните во феудализмот, дека работата (креирањето и споделувањето фотографии и мислења) е дел од нашата природа.

 

 

Второто чудо е способноста на дигиталниот капитал да ни продаде предмет на желбата која ја создал самиот. Амазон и Алибаба, како и мноштвото нивни имитатори во сите земји во светот, за неупатеното око можат да изгледаат како монополизирани пазари. Но во случајов заправо нема никаков пазар - па ни хиперкапиталистички дигитален пазар. Дури и на пазарите под контрола на само една компанија или една личност, интеракцијата помеѓу корисниците е релативно слободна. Кога еднаш ќе влезете на платформа каква што е Амазон, алгоритмите ве изолираат од останатите купувачи и ви ги пружаат само информациите кои ви ги намениле сопствениците.

Потрошувачите не можат да комуницираат меѓу себе, не можат да се здружат или да се организираат да го принудат продавачот да ги намали цените или да го подобри квалитетот. Односот помеѓу продавачот и алгоритамот исто така е мошне намален. Тие се должни на сопственикот да му плаќаат за секоја објавена трансакција. Сите трансакции и односи се посредувани не само со невидливата рака на пазарот туку со невидливиот алгоритам во служба на само една личност или една компанија. Таквиот систем според својата суштина е дигитален феуд.

Маск беше единствениот моќник принуден од периферијата немоќно да го посматра триумфот на техно-феудализмот. Неговата компанија Тесла успешно ја користи облак (cloud) технологијата за да ги направи автомобилите јазли на дигиталната мрежа која креира огромни количини податоци и ги поврзува возачите со системот на Маск. Истовремено, неговата компанија СпејсЕкс и мрежата сателити кои ја опкружуваат планетата досега главно беа во служба на развој на дигиталниот капитал на некои други могули.

Enfant terrible од деловниот свет немаше начини да оствари огромна добивка каква што создава дигиталниот капитал. Така беше досега: но Твитер би можел да го промени тоа.

Штом ја презеде компанијата и се прогласи за Врховен Твит, ја потврди намерата да го сочува Твитер како „простор за јавна дебата“ каде може да се дискутира за што било. Тоа беше мудра тактика со која успешно го сврте вниманието на јавноста од глобалната дебата за тоа дали денес најпосетениот форум со кратка форма да се предаде во рацете на могул со историја на невнимателен однос кон вистината на истиот тој форум.

Либералните коментатори негодуваат заради активирањето на профилот на Трамп. Левицата стравува од подем на технолошки понапредни верзии на Руперт Мердок. Пристојните луѓе од сите определби го осудуваат третманот на вработените во Твитер. А Маск? Се чини дека тој има подготвен план: во еден информативен твит ја објави намерата од Твитер да направи „универзална апликација.“

 

 

Според мојата дефиниција, „универзална апликација“ не е ништо помалку од премин во облак на дигиталниот капитал кој на сопственикот му овозможува да го модификува однесувањето на потрошувачите, да профитира од бесплатниот труд на корисниците претворени во дигитални кметови и најпосле, не помалку важно, да им наплати закуп на простор на продавачите за продажба на стоки. Досега Маск немаше ништо слично на „универзална апликација“, а беше предоцна да ја прави од нула.

Зашто додека тој беше зафатен со маркетинг и масовно производство на електрични автомобили и смислување начини како да извлече профит од вселенските мисии, Амазон, Гугл, Алибаба, Фејсбук и WeChat ги приграбија сите платформи и интерфејси со потенцијал на „универзални апликации“.

Пред Маск е предизвикот да го унапреди дигиталниот капитал на Твитер и да го поврзе со постоечката мрежа податоци која ќе ја полни со податоци собрани со помош на електричните автомобили и безбројните сателити кои кружат околу планетата. Ако успее да се договори со преостанатите вработени во Твитер, прва задача ќе му биде да ги елиминира ботовите и троловите, за новиот Твитер најпосле да ги дознае идентитетите на своите корисници и на тој начин да стекне сопственост над нив.

Во писмото до огласувачите Маск правилно заклучува дека спам рекламите се ирелевантни, додека релевантните се корисни содржини. Во доба на техно-феудализам тоа значи дека сите пораки кои не го модифукуваат однесувањето на корисниците се спам, додека оние кои влијаат на мислењето и однесувањето на луѓето се единствени содржини кои имаат значење: во тоа се состои реалната моќ.

Како приватен феуд, Твитер никогаш нема да може да биде простор за глобална јавна дебата. Но тоа никогаш и не беше цел на оваа платформа. Единственото прашање кое се поставува е дали платформата може на сопственикот да му обезбеди влез во ешалонот на новата техно-феудална владејачка класа.

 

 

Карикатури: Adam Zyglis

Извор: https://www.project-syndicate.org/

via preminportal




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани