преземено од плусинфо „ТАМУ СЛАВЕВ МАТУРА, БЕШЕ РАСКОШНО, ЛУСТЕРИТЕ БЛЕСКАА“ Скопјани се присетуваат на Офицерскиот дом, срушен во земјотресот 1963 година
  Објавено на
share

 преземено од плусинфо

„ТАМУ СЛАВЕВ МАТУРА, БЕШЕ РАСКОШНО, ЛУСТЕРИТЕ БЛЕСКАА“ Скопјани се присетуваат на Офицерскиот дом, срушен во земјотресот 1963 година (ГАЛЕРИЈА)

Бидејќи постоела можноста објектот да биде успешно реставриран, Офицерскиот дом денес би бил еден од најголемите пост-земјотресни симболи на градот Скопје, а со тоа би се зачувал физичкиот спомен и архитектонскиот континуитет на градот, заедно со неколку маалски целини.

 754

На Фејсбук групата „Стари скопјани“ утринава осамнаа фотографии од некогашниот импозантен  и раскошен Офицерски дом во главниот град, кој, за жал, не го преживеал земјотресот.

Останати се неколку фотографии од ова архитектонско парче, но кај старите скопјани, очигледно, оваа зграда сn4; уште им е врежана во меморијата.

Извесна Александра пишува: „Колку беше убав, а кога ќе ги отвореа вратите, навистина беше раскошно, лустерите и целиот објект“.

И скопјанката Стојна се присетува: „Најубавите игранки биле таму, моите често ми раскажуваа за тоа кога ќе речев дека одам во диско. Се расприкажуваа дека треба да биде како во Офицерски, а не без светла и да мириса на цигари косата кога ќе си дојдеш дома“.

И Боба има убави спомени: „Во овој Офицерски дом, во неговите раскошни сали, јас сум ја славела мојата матурска вечер во далечната 1957 година. Прекрасни спомени“.

Инаку, Офицерскиот дом се наоѓал на десниот брег на Вардар, веднаш до Камениот мост. Архитект бил Василиј Баумгартен, познат и стилски изграден руски архитект кој во тоа време бил емигрант и престојувал на овие простори. Претставува објект со нагласен академски пристап во третманот на композицијата, организацијата и декорацијата. Проектиран бил во 1925, и истата година започнал да се гради. Отворен бил во 1929 година.

Во земјотресот во 1963 бил оштетен, а срушен е една година подоцна, по одлука на тогашната влада. Бидејќи постоела можноста објектот да биде успешно реставриран, тој денес би бил еден од најголемите пост-земјотресни симболи на градот Скопје, а со тоа би се зачувал физичкиот спомен и архитектонскиот континуитет на градот, заедно со неколку маалски целини.

Овој објект (1929-63) претставува академски пример на своето време. Почитувањето на основните поставки на академизмот кај овој објект се согледуваат во однос на поставеноста на локацијата, при што условите наметнати од неговата местоположба на кејот на реката Вардар придонело и за основната организација по една оска, отворајќи простор за развивање на страничните фасади кон реката и кејот.

Цврстата концепција на блокот што го затвора објектот, како една академска карактеристика, се надградува во хоризонтални појаси градејќи урамнотежена композиција со прецизен избор на елементи и стилски форми. Симетрично конципираната предна фасада ја усложнува странична фасада со високи столбови ориентирана кон кејот. Фасадната обработка до првиот хоризонтален разделен венец е спроведена со нагласена рустика, што визуелно го поставува објектот на цврста база, во која напуштањето на концептот на нагласена профилација и богата орнаментација е направено во корист на подвлекување на чувството за носив базис на кој почиваат богато расчленетите етажи.

Ефектот на богата и пластично обработена фасада го создаваат столбовите прилепени до фасадното платно, кои се протегаат во две висини на објектот како реплика од страничната фасада во полињата кои ги затвораат лаковите под разделниот венец, се изведени кружни медаљони во касноренесансен манир. Фасадата е збогатена со додавање на бифорни и трифорни прозорци во полукружни ниши, кои потсетуваат на касно византиските традиции (помоден манир). Заради своите архитектонско-стилски карактеристики, овој објект спаѓа во групата на успешни примери на југословенскиот меѓувоен историзам. Тој е редок грандиозен објект од ваков карактер, на територијата на тогашната Вардарска Македонија.

Реставрацијата на објектот започнала во 2013, како дел од проектот Скопје 2014, а според досега изграденото, истата ќе биде малку поголема од оригиналот.

Овој проект бил нарачан од страна на Министерството на војската и морнарицата, заради концентрацијата на општествениот живот на воената елита на Скопје и околината.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани