Боки 13 ја почнува операцијата „Бумеранг“: Тврди дека за „бомбите“ има над еден милион фајлови
  Објавено на
share

Боки 13 ја почнува операцијата „Бумеранг“: Тврди дека за „бомбите“ има над еден милион фајлови

Јовановски бара и да му се гарантираат физичкиот и психичкиот интегритет, како и предавањето на доказите и поднесувањето на кривичните пријави да бидат во сигурно обезбедени простории во обвинителството и за сето тоа да има визуелно-тонски запис

Започнува кривично-правна операција со кодно име „Бумеранг“. Вака правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13, правосилно осуден во „Рекет“ на девет години затвор, ја поздрави одлуката на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, да формира предмет и да го додели на надлежен обвинител за да го сослуша Боки. Јовановски претходно преку допис бараше прием кај Абази бидејќи тврди дека поседува „бомби“ (снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видеозаписи) и сака да поднесе кривични пријави против личности од највисоки државни структури од политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица.

Во денешното соопштение, кое преку неговиот правен тим го испрати до медиумите, вели дека „бомбите“ се содржани во 1 150 000 фајлови, па затоа смета дека специјално за тоа треба да се формира посебен тим.

 

„Напоменуваме дека поради обемноста на материјалот и доказите во бројка од 1 150 000 фајлови со податоци во кои се содржани аудиосразговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. ’бомби‘, заради целисходност при постапување по предметот ќе биде потребно формирање посебен тим за работа и процесирање на кривичните пријави во согласност со реалните потреби за ефикасно и правилно постапување по предметот, за што ќе истакнеме посебно барање до јавниот обвинител“,

пишува во соопштението.

Јовановски вели дека ќе ги поднесе пријавите и ќе ги предаде овие докази со записник само со утврдени законски гаранции дека ќе се заштитат неговиот физички и психички интегритет. Тоа, нагласуваат од неговиот тим, ќе го направи исклучиво во присуство на неговите двајца адвокати, Владимир Туфегџиќ и Сашко Дукоски, и единствено во сигурносно обезбедени простории во ОЈО ГОКК, со визуелно-тонски запис од чинот на сослушување и предавање на доказите.

Тој претходно бараше прием исклучиво кај Абази бидејќи, како што рече, единствено нему му верувал. Меѓутоа, од ОЈО ГОКК информираа дека е оформен предмет и е распределен кај друг обвинител бидејќи, како што нагласија од обвинителството, тоа треба да го направат избраните обвинители, а не шефот.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани