Зошто се занимаваме со туѓите животи?
“Сите сме жртви на суетата и славољубието, помалку или повеќе. Од една страна, мислиме дека луѓето ги знаеме и можеме лесно да ги судиме: „Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не се ли вика Марија, и браќата негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа при Него?”
Од друга страна, пак, забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен постои и во нас. Затоа Христос и вели: „со каков суд судите, со таков ќе бидете судени“ (Матеј 7, 2). Дури го судиме ближниот и според она што ние самите го сметаме како грев: „Зошто со … грешници јаде и пие?“ (Марко 2, 16).
Следно прашање што се поставува е зошто ни пречи славата на нашиот ближен и зошто толку се трудиме да ја намалиме во очите на другите? Од тоа што многу го љубиме ли? И крајно, но не и последно, зошто се занимаваме со туѓите животи? Дали дека нашиот живот е совршен и немаме веќе што да исправиме или воопшто немаме свој?
Ако некој и нешто греши има кој, во крајна инстанца, да се занимава со него – тоа ќе биде или презвитерот или Епископот или Светиот Синод, како што има и место на кое ќе се разгледа неговиот случај – според строго претходно одредениот евангелски и црковен ред. Социјалната мрежа не е инстанца, начин и место, туку тогаш станува инструмент на демоните. Дури, овде се наметнува и уште едно прашање: ако веќе и Светиот Синод молчи за одреден случај, а камоли за случај каде што Светите Синоди на сите Помесни цркви не презеле ништо, бидејќи сигурно имаат нешто важно во предвид, тогаш што ли тука бара и зошто со тоа се занимава религиозниот социопат, кој ниту има целосна слика, ниту потребни информации, ниту какви било ингеренции? Ама затоа е и тоа што е.”,
Пишува: Наум Струмички