ЕДИНСТВЕНО ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ – ТРЕТМАН НА БЕНИГНА ХИПЕРПЛАЗИЈА НА ПРОСТАТА СО REZUM™ WATER VAPOR THERAPY
Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ е единствена болница во земјава каде што се изведува минимално инвазивната процедура Rezum™ Water Vapor Therapy за третман на бенигна хиперплазија на простата. При оваа метода се користи топлина, произведена од водена пареа, за уништување на вишокот клетки што го предизвикуваат зголемувањето на простатата. Оваа интервенција ја изведува искусен тим уролози: д-р Александар Мицковски, проф. д-р Сотир Ставридис и д-р Владимир Лозановски.
„За време на оваа минимално инвазивна процедура, се користи уред со кој преку мала игла се испорачува водена пареа директно во ткивото на зголемената простата. Пареата бргу се кондензира во вода, ослободувајќи топлинска енергија која ги уништува клетките на зголеменото ткиво. Со уништувањето на клетките, се намалуваат простатата и притисокот врз уретрата, што доведува до подобар проток на урината и до намалување на симптомите на БХП“, објаснува д-р Мицковски.
Бројот на третмани со водена пареа варира во зависност од големината на простатата, а одговорот на овој третман кај секој пациент е индивидуален.
„Предноста на оваа минимално инвазивна процедура е што кај овие пациенти се зачувува целосно сексуалната функција, вклучително и можноста за исфрлање на сперма (ејакулација), што досега било невозможно кај другите процедури. Целата постапка трае кратко, а пациентот ја напушта болницата истиот ден по 2 до 3 часа“, вели д-р Мицковски.
Со оваа минимално инвазивна процедура, на пациентите им се овозможува брзо враќање на секојдневните активности, а подобрување на симптомите започнува да се чувствува веќе по две недели, додека целосно заздравување може да се постигне во рок од три месеци.
Д-р Александар Мицковски вели дека 50% од мажите до 60 години заболуваат од бенигна хиперплазија на простатата, а на 85-годишна возраст дури околу 90% од нив. Бенигна хиперплазија на простата е патолошки процес при кој доаѓа до прекумерно размножување на клетките на простатата, што резултира со зголемување на волуменот на жлездата, опструкција на мочниот канал и отежнато празнење на мочниот меур, а понекогаш и целосно го блокира. Најчести симптоми на хиперплазија на простата се: често мокрење, отежнат почеток на мокрењето, ненадејна, силна потреба за мокрење, слаб млаз на урина, напрегање за започнување и одржување на мокрењето, често ноќно мокрење.