...И ДАЛИ ние, воопшто, како вакви, сме Му потребни на Бог?) ...Дедо Наум - OД ПЕРСПЕКТИВА НА ИНОВЕРНИТЕ
  Објавено на
share

Дали ние, воопшто, како вакви, сме Му потребни на Бог?

OД ПЕРСПЕКТИВА НА ИНОВЕРНИТЕ

Замислете си, како еден наш комшија или пријател или, просто, сограѓанин од друга вера, или пак атеист, гледа на она што поголемиот број од „христијаните“ го прават за најголемите свои празници, знаејќи дека сето тоа, како „спектакуларен настан“, го пренесуваат и медиумите.

И не говорам тука само за она што се прави околу празниците, туку и за сите други суеверни и народни обичаи што се прават, а ја комплетираат целата слика за „христијаните“ - кај друговерните. И нормално, ќе се чудат и тие,  на крај, што да ни честитаат. 

Да почнеме од Василица:

-палење огнови и маскирања во страшни маски.

За Богојавление:

-фрлање крстови и тепачки на организирани групи за поделбата на пленот.

За свети Трифун:

-пијанки и ден на некаква „љубов“.

За Прочка:

-пак, карневали, маскенбали и блуд.

Во Страдалната седмица:

-масовно напуштање на државата или користење на продолжениот викенд и нарушување на најстрогиот пост,
во денови дадени токму преку строг пост и молитва да се учествува во Христовите страдања, смрт и погребение, за покајани и исповедани да го дочекаме и Христовото Воскресение – причестувајќи се со Христос.

За Задушница:

-повторно, масовно да ја напуштиме државата за забава или да упразнуваме суеверни народни обичаи по гробиштата – игнорирајќи ја светата Педесетница.

За време на другите празници - низ годината:

-да организираме световни веселби со колење на курбани
во самите црковни дворови
– како паралелни суеверни обреди извршени од страна на лаици, од некакви „црковни одбори“, а исто така, и при осветување на темели на домови или други објекти – порано, дури и на цркви; како и кружење околу црквите и отклучување на врати,
а внатре во нив – извршување на разни магиски обреди,
со крпи, долни облеки, чорапи и друго, подучени од бајачите.

За Рождество Христово:

-пак палење на огнови и пијанки, собирање на гранки по шуми, нарушување на постот со некаква бадникова вечера и сликања со паричка – која суеверно мислиме дека ни носи среќа
и која кога не би постоела, воопшто никој не би ни дошол на некаква вечера.

И сето тоа заедно, надвор од светото Предание на Црквата,
без никакво теолошко оправдување, а на штета на ближните,
посебно на сиромашните и страдалните. Тоа е потполно понадворешнување на нашето суеверие и потполна секуларизација на нашата вера. После, некој друг „продал вера за вечера“... да...

Да не спомнувам овде одење по разни бајачи, гледачи
и гатачи и најразновидни други суеверија, дури и од типот – што требало, а што не требало да се прави на овој или оној празник, промовирани и по медиумите. 

Има и други работи, кои се толку бизарни, што не сакам ни да ги спомнам тука. А, истовремено, покрај погубните етнофилетизам, лажен патриотизам и миграција, имаме и доста меѓусебни непријателства, поделби и расколи – наместо взаемна помош, неморал и детеубиства – наместо зголемување на наталитетот, експлоатација на работниците и земјоделците – наместо грижа за нив, и што ти ли не, накратко - имаме големо самољубие. Со еден збор: се од што Господ го одвраќа Своето Лице.

Значи, како на сето ова гледаат луѓето од друга вера,
кои си имаат свој храм, свои молитви, свои постови и свој начин на поклонување и богопочитување, кои во својата вера немаат скоро ништо од нашето отворено и јавно идолопоклонство, а си помагаат меѓусебно? Или како ли им изгледа на атеистите кои и така се сметаат за ненормални? Нели, и покрај сите нивни човечки слабости, сето тоа им изгледа како безбожништво и простотија. Секако дека им изгледа многу лошо; исто, како и на сите оние, што водат светопреданиски православен духовен живот. 

Тогаш, како ние ја сведочиме нашата вера?

И дали ние, воопшто, како вакви, сме Му потребни на Бог - како сведоци на Неговата љубов, на вистинска вера и доверба во Него и на вистинскиот начин на градење на личен однос со Него?
Затоа и свети Јован на таквите кои приоѓаа кон него да се крстат им вели: „породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за покајание“...

Господи Боже Седржителу, Единствен Свет, уште, Ти се молиме, за нашите гревови и за незнаењата на народот; прости ни и помилуј не.
 
Дедо Наум 
 
 
 
 
 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани