Темната страна на Стивен Хокинг: Стриптиз, островот на Епштајн и сопруга која се чувствувала како „затвореник“
Нова биографија на брилијантниот физичар Стивен Хокинг ја открива неговата непозната темна страна. Книгата ја опишува неговата страст кон стриптиз клубовите, посетата на островот на Џефри Епштајн и тешките односи со неговите сопруги, деца и колеги во науката.
Утрото на божиќ во 1989 година, Стивен Хокинг се собрал со сопругата и децата за да разменат подароци. Потоа, светски познатиот физичар намерно си заминал за да помине време со друга жена, оставајќи го семејството зад себе.
Неговата ќерка Луси никогаш не го заборавила тој момент. „Ни ги даде подароците наутро, а потоа татко ми намерно си замина со Елејн – постапка што ја сметав, и сè уште ја сметам, за непотребно сурова“, се сеќава таа.
Оваа епизода е едно од многуте непријатни откритија во новата биографија за славниот физичар, напишана од Греам Фармело, со наслов *„Хокинг: Неговиот живот и дело“* (објавена од издавачката куќа „Бантам“ на 24 ноември). Иако Хокинг го промени нашето разбирање за црните дупки – живеејќи со децении со амиотрофична латерална склероза (АЛС), врзан за инвалидска количка, а подоцна губејќи ја и способноста за говор по трахеотомија – тој имал и темна страна. Портретот што го дава Фармело го прикажува Хокинг како развратен, авторитарен тиранин, кој бил безмилосен кон своите колеги и нечувствителен кон своите најблиски, пренесува *„Њујорк пост“*.
Таткото на Хокинг, Френк, ја забележал себичноста на својот син многу пред тој да стане славен. Стивен имал навика „да ја малтретира [својата помлада сестра] Мери и да биде многу себичен“, запишал Френк во својот дневник. По еден семеен одмор, за време на кој Стивен речиси и не мрднал со прст за да помогне, Френк заклучил: „Животот беше полесен без него“.
Во 1963 година, на 21-годишна возраст, на Хокинг му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза (АЛС, позната и како болест на Лу Гериг). Лекарите му предвидувале уште само неколку години живот, но тој се одржал уште со децении. Се чини дека неговата физичка попреченост воопшто не го намалила неговиот интерес за жените.
Тој често посетувал стриптиз-клубови – меѓу кои и лондонскиот *„Стрингфелоус“* – каде што сопственикот, Питер Стрингфелоус, се сеќава дека му понудил избор: да разговараат за универзумот или да ги гледаат танчерките. Одговорот на Хокинг бил: „Девојките“.
На прославата на неговиот 60-ти роденден во 2002 година, жена што личела на Мерилин Монро, облечена во розов фустан, му пеела серенада, додека тој зрачел со задоволство од својата инвалидска количка. „Со Мерилин се знаеме уште од многу одамна“, се пошегува Хокинг.
На свечената вечера за време на прославата на роденденот настапија танчерки во кан-кан стил, кои изведоа, според описот на Фармело, „бучна и провокативна точка“. Хокинг исто така раскажа една од своите омилени шеги за научните откритија: „Не би го споредил тоа со секс, но трае подолго“. Во 2012 година, Универзитетот во Кембриџ потврди дека Хокинг еднаш, во друштво на пријатели, посетил клуб за „свингерство“ (размена на партнери) во Калифорнија, иако наводите дека тој бил редовен посетител ги окарактеризира како „силно претерани“.
Во март 2006 година, Хокинг отпатува на Американските Девствени Острови за да присуствува на конференција по физика, организирана од Лоренс Краус и делумно финансирана од фондација управувана од Џефри Епстајн.
Научниците присуствуваа на скара на приватниот остров на Епстајн, а Хокинг, со помош на своите негуватели, се возеше и во подморница. Епстајн подоцна се потсети на ова патување во размена на текстуални пораки од 2017 година – за што извести „National Public Radio“ (NPR) – наведувајќи дека Хокинг сакал да се нурне, па затоа тој му ја „залепил“ главата на физичарот за столчето, пред овој да биде внесен во подморницата.
Кип Торн, физичар од Калифорнискиот институт за технологија, му изјави на Фармело дека Епстајн „делувал како некој што е љубител на науката“. Неколку недели по конференцијата, се појавија обвинувања дека Епстајн сексуално злоставувал малолетни девојчиња. Торн изјави дека научниците не биле сведоци на такво однесување. Името на Хокинг се појави во 2024 година во еден декласифициран имејл, во кој Епстајн дискутира за побивање на тврдењето дека Хокинг учествувал во „оргија со малолетни лица“. Објавените документи не содржат докази што би го поткрепиле ова обвинување.
На една фотографија, објавена како дел од досиејата за Епстајн во 2026 година, се гледа Хокинг како лежи меѓу две жени во бикини – лица за кои неговото семејство тврди дека биле негови негуватели. Фармело наведува дека фотографијата „нема никаква врска со Епстајн“ и дека е направена на Флорида во 2007 година, иако семејството изнесе и поинакви податоци во однос на локацијата и датумот. Хокинг имал два бурни брака, кои завршиле со развод.
Во своите рани дваесетти години — две години откако му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза (АЛС) — тој се оженил со Џејн Вајлд, млада жена што ја запознал на една забава, кратко пред да дознае за својата болест. Тие добиле три деца, а како што Хокинг постепено ја губел способноста да оди, да се облекува или сам да се храни, Џејн го презела врз себе поголемиот дел од грижата за него во секојдневието. Сепак, тој бил далеку од идеален пациент.
Подоцна, Џејн го споредила својот сопруг со Шекспировиот крал Лир, опишувајќи го како човек „опседнат со огромно его склоно кон кавги“. Таа напишала: „Од човек што порано имал авторитет, тој стана авторитарен“. Кон крајот на 1970-тите, Џејн се зближила со Џонатан Хелиер Џонс, вдовец кој помагал во грижата за Хокинг. Првично, Стивен ја прифатил нивната врска, но неговите родители имале поинакво мислење.
Неколку недели откако Џејн го родила нивното трето дете, Тимоти, во 1979 година, мајката на Хокинг, Изобел, се соочила со својата снаа и инсистирала...